
Коњановски со остар апел до Советот: Не ги стопирајте проектите, граѓаните губат
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, јавно упати апел до членовите на Советот на општината да ги надминат политичките калкулации и да не ги блокираат проектите кои се од витално значење за жителите. Повикот доаѓа по последната седница на Советот, на која беа одбиени седум инфраструктурни проекти финансирани од Европската инвестициона банка.
„Во оваа приказна нема победници – сите губиме, а најмногу граѓаните на Битола“, рече Коњановски, изразувајќи разочарување од одлуката на советниците од СДСМ, Поинаку и Левица да не дадат поддршка за реализација на проектите.
Проектите кои беа предложени опфаќаат реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на неколку битолски улици, како и изградба на системи за водоснабдување и фекална канализација во селата Лисолај и Трново.
Градоначалникот нагласи дека овие зафати се клучни за нормалното секојдневие на граѓаните и дека се работи за средства што доаѓаат од надворешни извори.
„Разбирам да не ме поддржуваат мене лично, но не разбирам да се стопираат проекти што носат конкретен бенефит за Битола и се финансираат со средства од страна“, рече тој.
Коњановски повторно побара разум и одговорност од Советот, предупредувајќи дека блокирањето на вакви инвестиции значи директна штета за сите жители на општината.
„Мене напаѓајте ме, тоа ви е работа, но не им штетете на граѓаните. Работиме транспарентно и отчетно веќе три и пол години – не го уништувајте она што заеднички треба да го градиме“, порача градоначалникот.
Со ваквиот јавен повик, Коњановски се обидува да ја пренасочи фокусот од партиската борба кон интересите на граѓаните и развојот на општината. Сепак, останува неизвесно дали Советот ќе ја промени својата одлука и ќе дозволи реализација на предложените проекти.