
Макрон се брани од далеку: Не сакаме да предизвикаме трета светска војна, само сакаме да ѝ помогнеме на Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција сака да ѝ помогне на Украина, која е нападната од Русија, без да предизвика „трета светска војна“.
„Мораме да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани, но не сакаме да предизвикаме трета светска војна“, изјави Макрон во вторникот на француската телевизија TФ1. „Војната мора да престане и Украина мора да биде во најдобра можна позиција да влезе во преговори“, додаде тој.
Притоа, шефот на француската држава изрази отвореност за стационирање на француски борбени авиони со нуклеарно оружје во други европски земји. Тој укажа на САД, кои веќе имаат стационирани авиони опремени со нуклеарно оружје во Белгија, Германија, Италија и Турција. „Подготвени сме да ја започнеме оваа дискусија“, рече тој, најавувајќи дека рамката за такви разговори ќе биде воспоставена „во следните недели и месеци“.
Емануел Макрон ја нагласи потребата од француско нуклеарно одвраќање уште на состанокот со тогашниот канцелар Олаф Шолц (СПД) и победникот на изборите на ЦДУ,- Фридрих Мерц (ЦДУ) во март во Берлин. Шефот на француската држава најави дека до лето ќе разговара за можноста за нуклеарен штит за Европејците.
Мерц демонстрира отвореност за француската понуда за проширување на нуклеарното одвраќање и во Германија и во други земји. „Нуклеарното споделување“ е „тема за која треба да разговараме“, рече актуелниот канцелар во март, а тоа веќе му го сигнализираше на Макрон.