
Трамп ги крши правилата: Подготвен е да прифати луксузен Боинг како подарок од Катар
Претседателот Доналд Трамп ќе прифати луксузен авион „Боинг 747-8“ како подарок од Катар за време на неговата посета на Блискиот Исток оваа недела, а американските претставници велат дека тој би можел да се претвори во претседателски авион, објави АП.
Катарската влада соопшти дека не е донесена конечна одлука. Сепак, Трамп ја бранеше идејата, што би било еднакво на тоа претседателот да прифати неверојатно вреден подарок од странска влада, забележува агенцијата.
„Фактот дека Министерството за одбрана добива БЕСПЛАТЕН ПОДАРОК, имено авион 747 за привремена замена на 40-годишниот Ер Форс Уан, во многу јавен и транспарентен договор, е толку вознемирувачки за корумпираните демократи што инсистираат да платиме скапо и претерано за авионот“, напиша Трамп на своите социјални мрежи.
Претходно вчера, голем број американски медиуми објавија, повикувајќи се на анонимни извори, дека администрацијата на Трамп ќе прифати луксузен авион „Боинг“ како подарок од кралското семејство во Катар.