Богојески: Со „Направи чекор“ градиме зелена и иновативна иднина за младите

Македонија

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираше еко-смарт настан во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, како дел од новата кампања „Направи чекор“, покажувајќи конкретен пример за одржливо делување и иновативен пристап кон младите.

 

Настанот вклучи донација на смарт (паметна) клупа и еко-акција за садење дрвја, реализирана во соработка со студентите и раководството на Домот. Смарт клупата овозможува соларно полнење на мобилни уреди, а новозасадените дрвја симболично го претставуваат вложувањето во одржлива и зелена иднина. За реализација на садењето, садниците беа обезбедени од ЈП Национални шуми, за што беше упатена благодарност до директорот на претпријатието, г. Здравко Трајанов.

На настанот присуствуваа студенти  од Сојузот на студенти при УКИМ, од студентскиот дом “Гоце Делчев”, претставници од управата на Студентскиот дом, како и вработени и директорот на Националната агенција, д-р Петар Богојески.

 

Преку ваквите активности, Националната агенција демонстрира нов пристап на отвореност, достапност и блискост со младите, како и поинаква, непосредна комуникација. Со секоја нова иницијатива, Агенцијата ја засилува својата заложба да ги надмине бариерите меѓу институцијата и младите.

Преку кампањата „Направи чекор“, НАЕОПМ се позиционира како отворена институција – сè појасно препознатлива, не само како повик, туку и како конкретен патоказ: да се отворат вратите кон европските програми, да се охрабрат младите да станат активни корисници и да го трасираат сопствениот пат кон образование, вмрежување и успех.