Битола инвестира во инфраструктура: започна изградбата на коловоз и комунална мрежа на три улици

Македонија

Општина Битола започна значаен инфраструктурен проект кој опфаќа изградба на коловоз, фекална и атмосферска канализација, водоводна линија и улично осветлување на улиците 150, 170 и 210.

Со овој проект, кој опфаќа должина од 647,98 метри, ќе се подобрат условите за живот на граѓаните, заменувајќи го постојниот набиен земјен коловоз со современ асфалт и тротоари од павер елементи.

Вредноста на инвестицијата изнесува 27,1 милиони денари, распределени на:

 

• 14,2 милиони денари за изградба на коловоз,

• 1 милион денари за водоводна мрежа,

• 9,8 милиони денари за канализациски систем,

• 2,08 милиони денари за ново улично осветлување.

Овој проект е дел од пошироката развојна програма на Општина Битола, поддржана од Владата, во рамките на која се предвидени 16 инфраструктурни проекти. Во моментот, склучени се договори за 10 од нив, додека 3 веќе се реализираат на терен.

Со овие инвестиции, Битола продолжува да вложува во модернизација на градската инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот и создавање подобри услови за своите жители.