
Ѓорѓиевски ја отвори првата спортска сала во Пинтија во чест на херојот Александар Стојчев
Во Пинтија беше свечено отворена првата затворена спортска сала, која го носи името на загинатиот херој од 2001 година, Александар Стојчев. Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека овој проект претставува значаен чекор за развојот на Пинтија и целата општина.

„Со гордост ја пуштаме во употреба првата затворена спортска сала, која ќе им овозможи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ современи услови за физичко образование и спорт. Овој проект е доказ за нашата посветеност на унапредувањето на спортската инфраструктура и создавањето подобри можности за младите“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот нагласи дека салата го носи името на Александар Стојчев, херојот кој го загуби животот во 2001 година за татковината. „Неговата жртва никогаш нема да биде заборавена, а денешниот настан е и симбол на нашата почит кон неговото семејство, кое е тука со нас“, додаде Ѓорѓиевски.

Според него, овој проект е само еден од многуте капитални инвестиции кои го менуваат ликот на Пинтија. Изградбата на плоштад, реконструкцијата на улиците и решавањето на инфраструктурните проблеми, како што е изградбата на фекалната канализација, се дел од пошироката стратегија за развој на оваа населба.

„Со отворањето на оваа сала, Пинтија добива нов лик. Оваа населба, која со години беше запоставена, денес се развива како никогаш досега“, рече Ѓорѓиевски.
На крај, градоначалникот се заблагодари на компанијата „Титан Усје“ за поддршката во реализацијата на овој проект, нагласувајќи дека заедничките вредности и визијата за подобро утре можат да донесат вистински промени во заедницата.