
Орце Ѓорѓиевски со почит кон пензионерите: Нови мерки за поддршка во Кисела Вода
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, покажа уште еднаш дека грижата за повозрасните генерации е еден од неговите приоритети. Тој присуствуваше на традиционалната манифестација „Питијада“, организирана од Здружението на пензионерите, огранокот од Цветан Димов, каде што со пензионерите сподели време, почит и конструктивни разговори.

Освен дружењето и споменувањето на важноста на нивната улога во градењето на општината и државата, Ѓорѓиевски најави и значајна нова мерка – субвенционирање на пензионерите со ниски примања. Оваа мерка, која за првпат ја воведува Општина Кисела Вода, ќе стане реалност веќе од следната недела, кога ќе биде распишан јавниот повик.
„Нашите баби и дедовци, родители, ја имаат заслугата за градењето на нашата општина и држава и секогаш ќе ја имаат мојата почит и длабок поклон. Нивниот збор за мене секогаш ќе вреди,“ изјави Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека неговата поддршка за повозрасните генерации ќе продолжи и во иднина.

Настанот беше одлична можност за размена на идеи и совети, како и за зацврстување на врската меѓу локалната самоуправа и пензионерите, кои со својот труд оставиле неизбришлив белег во развојот на општината. Градоначалникот изрази благодарност за топлиот прием и срдечната атмосфера, со желба за добро здравје и долг живот на сите присутни.