Сиљановска-Давкова: Почит за претседателот Трајковски и неговата визија за Македонија

Македонија

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска им оддаде почит на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата, кои пред 21 година трагично ги загубија животите во авионската несреќа во Босна и Херцеговина.

„Со својата визија, мудрост и посветеност, претседателот Трајковски остави длабок печат во македонската историја. Неговата заложба за мир, демократија и европска иднина на Македонија го направи симбол на обединување и помирување. Со искрен пристап и човечност, стекна почит и признание како во татковината, така и на меѓународно ниво,“ истакна Сиљановска-Давкова.

Посебен аманет за идните генерации останува неговиот потпис на македонската апликација за членство во Европската Унија, ставен ден пред кобната несреќа. „Оваа негова визија ни налага да продолжиме да работиме за напредокот на државата, за развојот на демократска, стабилна и просперитетна Македонија, интегрирана во ЕУ,“ додаде претседателката.

 

Во негова чест, Сиљановска-Давкова положи венец на неговиот гроб во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, како и на вечните почивалишта на членовите на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Претставници на Кабинетот оддадоа почит и на вечните почивалишта на Анита Кришан Лозановска во Велес, на Борис Велинов во населба Илинден и на Аце Божиновски во Бардовци.

„Нека им е вечна слава,“ порача претседателката Сиљановска-Давкова.