
Ѓорѓиевски доби благодарница за соработката со Црвениот крст
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Црвениот крст на Република Македонија, кое се одржа во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Тој ја прими благодарницата за долгогодишната соработка и поддршка на организацијата, нагласувајќи дека ова признание го доживува како обврска за понатамошна работа во духот на хуманоста.

„Црвениот крст осум децении е симбол на помош, надеж и несебично давање. Во најтешките мигови, за време на природни катастрофи, во моменти на социјални и здравствени кризи – оваа организација секогаш е прва на терен, со подадена рака,“ истакна Ѓорѓиевски.

Како градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, тој изрази гордост што општината има долга и плодна соработка со Црвениот крст, преку организирање на бројни хуманитарни акции, поддршка за семејства во социјален ризик, охрабрување на крводарителството и спроведување на едукативни програми.

„Проектите како ‘Итно копче’, ‘Грижа и нега за стари лица’ и ‘Бесплатен транспорт за повозрасни и немоќни лица’ се доказ дека нашето партнерство не е само формално, туку суштински дел од мисијата за подобро и поправедно општество,“ додаде тој.
На крајот, Ѓорѓиевски упати благодарност до сите волонтери, активисти и медицински тимови, истакнувајќи дека нивната пожртвуваност е инспирација за целото општество. „Ќе останеме ваш партнер во доброто! Нека ни е честит 80-годишниот јубилеј на Црвениот крст!“ порача тој.