„Завршува ерата на неточни броила“: Министерството за енергетика бара опремата за проверка на струјомерите веднаш да биде на располагање на граѓаните

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема активности за подобрување на контролата и транспарентноста во мерењето на потрошената енергија. Во рамки на овие напори, министерката Сања Божиновска побара од Бирото за метрологија во најкраток можен рок да ја стави во функција опремата за тестирање и верификација на броилата, која со години останала неискористена.

 

Станува збор за Трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, кој повеќе од седум години не бил во употреба. Активирањето на оваа опрема ќе овозможи не само верификација на мерилата, туку и испитување на нивната исправност по жалба на потрошувачите – што е од особено значење, со оглед на честите поплаки од граѓаните.

За да се забрза процесот, министерката минатата недела го посети Бирото за метрологија и направи увид во опремата. Веднаш беа дадени насоки за преземање на потребните активности за нејзино ставање во функција, а раководството на Бирото потврди дека наскоро ќе биде распишан тендер за проверка, инсталација и обука на персоналот.

Оваа иницијатива ќе овозможи граѓаните да добијат независна проверка на исправноста на своите броила во државна институција. Со тоа, секој сомнеж за неправилно фактурирање ќе може да биде проверен со официјални мерења, обезбедувајќи прецизен одговор за состојбата на мерните уреди.

Дополнително, воведувањето на овој механизам ќе придонесе за поголема контрола врз компаниите што ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се намалат можностите за неправилности и ќе се обезбеди фер наплата на потрошената енергија. Министерството останува посветено на заштитата на интересите на граѓаните и унапредување на системите за мерење.