Ѓорѓиевски: Првата реконструирана фасада со поддршка од Општина Кисела Вода

Македонија

Во населбата Цветан Димов, на ул. „Марко Цепенков” бр. 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода. Овој проект, во вредност од 277.612 денари, е реализиран преку јавниот повик за набавка на термоизолациони материјали, со кој жителите добиваат финансиска поддршка за подобрување на енергетската ефикасност на своите домови.

 

„Ова е првиот успешно реализиран проект за реконструкција на фасада со финансиска поддршка од општината. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително го подобрува квалитетот на живот на станарите. Ова е само почеток, и нашата намера е да поддржиме што повеќе згради во иднина“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Оваа иницијатива е дел од заложбите на Општина Кисела Вода за подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на условите за колективно домување. Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година.

Ѓорѓиевски ги охрабри сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови. Општина Кисела Вода ќе продолжи со поддршка на проектите за енергетска ефикасност и подобрување на условите за домување.