
ЗАШТЕДА ОД 30 МИЛИОНИ ЕВРА ВО БУЏЕТОТ – МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ПОЈАСНУВА КАКО БЕШЕ ИСПЛАТЕНА СТАРАТА ЕВРООБВРЗНИЦА
На денешната средба со Сојузот на стопански комори, министерката за финансии соопшти дека со финансиските мерки што ги презела Владата, буџетот заштедил 30 милиони евра за една година.
При новинарско прашање како била исплатена старата еврообврзница, таа објасни:
„Преку средства од унгарскиот кредит. Повлековме две транши. Првата минатата година, втората годинава. На тој начин обезбедивме средства кои дефинитивно се со поволни услови.“
Во однос на шпекулациите за процесот, министерката нагласи дека каматната стапка на кредитот изнесува 3,25 проценти, што е значително пониско од она што би било понудено на меѓународните пазари.
„Многу често слушам одредени коментари, тоа се веројатно на оние што сакаат да ја зацрнат целата приказна, но реалната состојба е следна: Повлековме две транши по 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 проценти. Во моментот, ако Македонија сака да излезе на меѓународните пазари да позајми средства преку издавање на еврообврзница, каматната стапка нема да биде пониска од 6,25 проценти.“
Таа дополни дека и земјите од регионот со слични економии добиле финансиски средства по каматни стапки кои не се пониски од 6,25 проценти.
„Разликата е три процентни поени. Само за една година, на основа на овие средства кои ги позајмивме, имаме заштеда на буџетот од 30 милиони евра. Секој што добро познава математика, може пресметката да ја направи сам. Секој што пробува да го оцрни овој процес го користи само за ПР.“