Сиљановска-Давкова: Зајакнување на односите со дијаспората е клучно за иднината на Македонија

Македонија

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласи дека само силна и интегрирана дијаспора може да биде инспиративен сојузник и партнер на земјата. Во разговор со Никица Мојсовска-Блажески, главна извршна директорка на „Македонија 2025“, таа ја истакна важноста на продлабочување на односите со Македонците низ светот.

 

Како еден од клучните чекори, Сиљановска-Давкова посочи дека дебирократизацијата на постапките за издавање македонски патни исправи и други документи е неопходна за олеснување на комуникацијата меѓу дијаспората и татковината. Дополнително, подобрувањето на дипломатско-конзуларните услуги е приоритет за нејзиниот кабинет.

Претседателката истакна и дека е подготвена повторно да биде покровителка на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, проект кој им овозможува на децата од Македонија и дијаспората да го развиваат својот талент и знаење.

„На патот кон новите предизвици полесно ќе чекориме заедно со македонската дијаспора“, порача Сиљановска-Давкова, нагласувајќи ја својата посветеност на градење посилна врска меѓу Македонија и нејзините граѓани во странство.