
Министерката Кочоска за Независен: „Унгарскиот кредит наскоро достапен за компаниите“
Министерката информираше дека процедурите за средствата од унгарската Експорт-импорт банка се во завршна фаза. „Договорите за задолжување меѓу Министерството за финансии и Развојната банка се потпишаа и во постапка е потпишувањето на договорите помеѓу Развојната банка и деловните банки за пласман на средствата кон крајните корисници, односно компаниите“, рече Димитриеска-Кочоска. Таа објасни дека доцнењето се должи на нетипичната природа на кредитот и потребата за консултации со Меѓународниот монетарен фонд. „Во однос на поминатата временска дистанца од повлекување на овие средства од унгарската Експорт-импорт банка до нивниот пласман, се должи и на тоа што станува збор за еден нетипичен кредит, за разлика од она што се повлекувало претходно од меѓународни финансиски институции и издавање еврообврзница“, објасни министерката. Средствата ќе бидат достапни за компаниите по поволни услови, со каматна стапка од 1,95% и рок на отплата до 15 години. „Она што е најзначајно во овој процес за Владата е обезбедувањето на средства за компаниите по поволни услови… сега имаме камата од 1,95 отсто и што е уште поважно, рок на отплата до 15 години“, истакна Димитриеска-Кочоска.