
Ѓорѓиевски: Општините добиваат поддршка за справување со енергетските предизвици
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на значајна работна средба со Управниот одбор на ЗЕЛС и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. На средбата се разговараше за заеднички решенија за енергетските предизвици со кои се соочуваат општините и јавните претпријатија.
„Ова беше прва официјална можност за директен дијалог помеѓу локалната самоуправа и ресорното министерство, што е од клучно значење за изнаоѓање на одржливи решенија. Се дискутираа мерки за намалување на трошоците, воведување единствен терк за јавни набавки и насочување на јавните институции кон купување струја преку Македонската енергетска берза“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека е неопходна законска интервенција за јавните претпријатија со над 50 вработени и приходи над 2 милиони евра годишно, кои моментално се оневозможени да бидат на регулиран пазар. Во таа насока, договорено е да се одржи нова средба со министерката и претседателот на Владата.

Ѓорѓиевски апелираше сите јавни претпријатија да учествуваат на јавниот пазар и најави поддршка за енергетски ефикасни проекти, кои ќе се реализираат во соработка со Министерството за енергетика.

„На крајот на денот, ова беше корисна и конструктивна средба на која ги поставивме основите за долгорочни решенија во енергетскиот сектор на локално ниво“, заклучи Ѓорѓиевски.