Ѓорѓиевски: Партнерски однос со централната власт за посилни општини
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орге Ѓорѓиевски, оствари работна средба со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамките на 24-та седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Средбата беше во согласност со Меморандумот за разбирање помеѓу ЗЕЛС и Владата, со цел редовно усогласување на финансиските политики за локалната самоуправа.
„Наш приоритет е да обезбедиме поголема финансиска стабилност на општините, зголемување на блок и наменските дотации, како и подобрување на распределбата на средства за надлежностите што ги презедовме од централната власт. Ова е во согласност со Европската повелба за локална самоуправа и ние инсистираме на нејзино почитување“, истакна Ѓорѓиевски.

Посебен фокус беше ставен на распределбата на средствата од Унгарскиот кредит, за што Ѓорѓиевски се заблагодари на Владата и премиерот Христијан Мицкоски. Исто така, беше отворено прашањето за зголемување на приходите на општините од споделените даноци, со барање персоналниот данок да се зголеми од 6% на најмалку 30%, а делот од ДДВ од 6% на 10%.

Во разговорите беше потенцирана и потребата од зголемени дотации за пожарникарството, образованието и детската заштита, бидејќи анализите покажуваат дека општините трошат повеќе средства од своите буџети отколку што добиваат преку постојните дотации.
Министерката Димитриеска-Кочоска изрази подготвеност за соработка и изнаоѓање заеднички решенија за сите предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи.