
Коњановски: По 41 година, Бистрица добива нова спортска сала
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска изврши увид во градежните работи за реконструкција на поранешниот културен дом во населеното место Бистрица, кој ќе прерасне во современа спортска сала.

Објектот, кој со децении беше во руинирана состојба и надвор од функција, конечно ќе добие нов лик и мултифункционалност, исполнувајќи ги долгогодишните барања на жителите.

„После 41 година, оваа зграда повторно ќе заживее, обезбедувајќи простор за спортски и културни активности. Со овој проект создаваме нови можности за младите и го зајакнуваме животот во околните населени места. Инвестираме 37,6 милиони денари за да изградиме функционален и современ објект“, изјави Коњановски.

Проектот предвидува модернизација на објектот со нови конструктивни елементи и оптимална организација на просторот. Приземјето ќе биде наменето за спортски активности, а галеријата ќе остане како гледалиште за културни манифестации.

Реконструкцијата на салата во Бистрица е еден од приоритетните проекти на локалната самоуправа, кој ќе придонесе за развојот на спортот и културата во регионот.