Ѓорѓиевски: Нови 1.500 дрвја за позелена и поздравa Кисела Вода

СКОПЈЕ

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, објави успешна акција за пошумување, преку која се засадени 1.000 чемпреси и 500 брзорастечки дрвја во паркот на шахот и Феникс во населбата Драчево. Оваа иницијатива е дел од континуираните напори на општината за подобрување на животната средина и зголемување на зелените површини.

„Садењето дрвја не е само разубавување на просторот, туку и суштински чекор во борбата против загадувањето и климатските промени. Секое дрвце кое го засадуваме денес е инвестиција во поздравата и поубава животна средина за сите нас,“ изјави Ѓорѓиевски.

Во изминатите три години, Кисела Вода доби седум нови паркови и 13 спортско-рекреативни центри, со што општината е оплеменета со дополнителни 80.000 квадратни метри зеленило.

Градоначалникот им се заблагодари на сите кои го поддржаа овој проект, вклучително и заменик-генералниот директор на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов, компанијата „Џонсон Мети“, отец Оливер, Хуманитарната организација „Свети Спас“, како и на волонтерите кои активно учествуваа во акцијата.

„Како општина, и самите обезбедивме значителен број брзорастечки дрвја, со цел да создадеме поздрава и позелена средина за нашите жители,“ додаде Ѓорѓиевски.

Тој најави дека ваквите акции ќе продолжат со уште поголем интензитет, со цел создавање на одржлива и еколошки свесна заедница. Со ова, Кисела Вода станува пример за посветеност кон зачувувањето на природата и обезбедување на подобар квалитет на живот.