
Коњановски: Битола е лидер во поддршката на жени жртви на семејно насилство
Денеска, во Офицерскиот дом во Битола, се одржа тркалезна маса на тема „Улогата на заедницата во спречување и поддршка на жени жртви на семејно насилство – можности за вмрежување и локална акција“, организирана од Центарот за образовни и развојни иницијативи „ИНОВА ЛАБ“ во соработка со Комисијата за еднакви можности при Советот на општина Битола. На настанот свое обраќање имаше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна заложбата на општината како лидер во поддршката на жртвите од семејно насилство.

„Битола е една од првите општини во земјата која активно се вклучува во борбата против семејното насилство. Со издвојување на 1 милион денари од општинскиот буџет, обезбедуваме континуирано функционирање на Регионалниот советодавен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на семејно и родово насилство во Пелагонискиот регион,“ изјави Коњановски.

На тркалезната маса беа анализирани состојбите и предизвиците поврзани со семејното насилство на локално ниво, при што се истакна потребата за поголемо вмрежување и координирани акции помеѓу локалната самоуправа и заедницата. Градоначалникот нагласи дека Општина Битола останува посветена на зајакнување на механизмите за поддршка и заштита на жените од семејно насилство преку конкретни чекори и мерки во иднина.
„Локалната самоуправа е клучен чинител во справувањето со родово базираното насилство. Нашата обврска е да обезбедиме поддршка, заштита и вистинска помош за сите наши сограѓани кои се соочуваат со оваа сериозна општествена појава,“ додаде Коњановски.
Со ова, Битола потврдува дека е пример за останатите општини, поставувајќи високи стандарди во справувањето со семејното насилство и поддршката на жртвите.