
Орце Ѓорѓиевски: Расадник добива нова градинка за 120 дечиња
Со поставувањето на камен-темелникот за новата детска градинка во населбата Расадник, Кисела Вода прави уште еден значаен чекор кон обезбедување подобри услови за најмладите. На површина од 795 квадратни метри, новиот објект ќе има капацитет за 120 деца, вклучувајќи шест занимални, од кои две ќе бидат наменети за јасли.

„Со изградбата на оваа градинка целосно ќе ги затвориме листите на чекање во градинката ‘8 Март’, што претставува исполнување на големо барање на жителите на Расадник,“ истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека од почетокот на неговиот мандат, општината вложила во отворање на две нови градинки, проширување на капацитетите и обновување на седум објекти. Овие инвестиции резултираа со значително намалување на бројот на деца кои чекаат за упис – од 450 на само 40.

На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, кои ја нагласија важноста на ваквите проекти за локалните заедници.
„Ова е доказ дека со заедничка посветеност можеме да постигнеме трајни резултати. Нашите најмлади го заслужуваат најдоброто, а најдоброто допрва доаѓа,“ порача Ѓорѓиевски.