Штип вечерва се претвора во новогодишна бајка – со заендичко одбројување до магично осветлување на елката на плоштад „Слобода“

Дали Знаете, Забава, Македонија

Општина Штип со особено задоволство ги поканува сите граѓани на свеченото осветлување на новогодишната елка, кое ќе се одржи денес во 17:00 часот на плоштад „Слобода“. Во духот на претстојните празници, центарот на градот ќе се претвори во празнична приказна исполнета со детска радост, семејна топлина и искрено единство. Овој настан е можност сите генерации да се соберат, да одбројуваат заедно и да создадат спомени кои ќе ги поврзуваат во текот на целата година.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, со љубов ги повика сите жители да бидат дел од овој свечен момент:

„Драги мои Штипјани, мали и големи, вечерва градот се претвора во вистинска новогодишна бајка! Во 17:00 часот на плоштад ‘Слобода’ започнува нашата авантура исполнета со радост, детска еуфорија и топла поврзаност меѓу генерациите. Замислете ги илјадниците светилки што блескаат токму од вашата позитивна енергија, вашите гласови и вашата искрена празнична радост. Дојдете вечерва да одбројуваме заедно, да ја чувствуваме новогодишната возбуда, да ги држиме најблиските за рака и да создадеме спомен кој ќе го грее Штип цела година. Штип светка најсилно кога сме заедно!“, пишува Јорданов на својот Фејсбук профил.

Настанот ќе ги обедини сите генерации, носејќи детска радост, младешка енергија и семејна топлина. Присутните ќе имаат можност да уживаат во свеченото одбројување, да се фотографираат со празничните декорации и да ја почувствуваат магијата на новогодишната атмосфера во центарот на градот.

Општина Штип ги поканува сите граѓани да се приклучат и со своето присуство го исполнат градот со светлина и радост, создавајќи незаборавни моменти за целиот декември.