Македонија и Светска банка со заедничка визија за модерно енергетско поврзување
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со висока делегација на Светска банка предводена од Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура, и Сјаоќинг Ју, директорка на канцеларијата на Светска банка за Македонија. Разговорите беа насочени кон стратешките енергетски проекти, зелените инвестиции и зајакнување на институционалната соработка.
Во фокусот на средбата беше гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект оценет како клучен за енергетската безбедност и регионалната поврзаност. Беше разгледана потребата од заедничка институционална рамка со Србија, како и улогата на НОМАГАС АД во подготовката на документацијата и координацијата со меѓународните партнери.
Делегацијата на Светска банка ја потврди подготвеноста за поддршка на развојот на обновливите извори, системите за складирање енергија и модернизацијата на централните топловодни системи во Битола и Скопје – инвестиции кои директно влијаат врз намалување на загадувањето и енергетската одржливост.
Божиновска ја нагласи важноста на Фондот за енергетска ефикасност, со акцент на фокусирани средства за јавните установи, каде ефикасноста има најголемо системско влијание. Во делот на енергетската сиромаштија беше истакната потребата од попрецизно таргетирани мерки и подобрена енергетска ефикасност на јавните и приватните објекти.
Специјален дел од разговорите се однесуваше на постепеното исклучување на електраните на јаглен и плановите за инвестиции во обновливи извори и современи системи за складирање. Двете страни се согласија дека транзицијата мора да биде социјално праведна, со програми за преквалификација и дообука за работниците во енергетскиот сектор.
Министерката и претставниците на Светска банка се договорија за засилена координација, техничка поддршка и редовен дијалог со цел забрзување на зелената транзиција и создавање стабилен и модерен енергетски систем, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.




