Мицкоски е подготвен за разговор со бугарската влада, но нема да отстапи од црвените линии на Македонија!

Македонија, Политика

Македонската влада е спремна да ги отвори картите со официјална Софија, но црвените линии нема ги премине. Премиерот Мицкоски денеска порача дека е подготвен да разговара со бугарската влада, но дека не е коректно некој да очекува дека ќе се смени досегашниот став. Изјави – додека е на власт нема да дозволи како што кажа – вакви предавства и манипулации да се случат.

Христијан Мицкоски премиер – Пред 8 години, кога менувавме имиња и презимиња, ни викаа да сме фронтранери – и кога ќе смениме име и презиме за 3-4 години ќе сме во Европската Унија. Тие 3-4 години изминаа пред 3-4 години. Кај сме ние денес? Онаму кај што бевме пред 25 години. Супер е . Да го смениме уставот , најдобри ќе бидеме. Најдобри ќе бидеме. Уште ако може, да не сме Македонци, да сме нешто друго – најдобри ќе бидеме. Онака, како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да не влезе во Европската унија. Тоа нема да го дозволиме. Оваа влада , тоа нема да го дозволи. Додека сум јас таму, кога ќе дојде друг – нивна работа.

Ставот на Бугарија засега е јасен – нема да отстапи од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вчера изјави и дека Бугарија постојано се спротивставува на предлозите за укинување на барањето за едногласност за донесување одлуки во ЕУ. Изјави дека со едногласноста ЕУ дејствува решително во геополитичките предизвици, а во исто време ги зема предвид националната чувствствителност на земјите-членки.

Георг Георгиев министер за надворешни работи на Бугарија – Веруваме дека во сегашната сложена геополитичка ситуација е исклучително важно ЕУ да го одржи своето единство, земајќи ги предвид интересите на сите земји-членки, спроведувајќи сеопфатен пристап што обезбедува високо ниво на политичка поддршка од земјите-членки и демократска легитимност на одлуките на ЕУ.

Еврокомесарката Кос, за време на презентација на извештаите за напредокот на кандидатките пред телото АФЕТ, порача дека во следниот период ќе се залага за квалификувано мнозинство, процесот на преговори со ЕУ само да стартува и завршува со едногласност.

Следната недела се очекува ЕУ да објави и документ – извештај за реформи во унијата.