Коњановски: Зимската служба подготвена за навремено реагирање во сите услови

Македонија, Политика

Во пресрет на зимската сезона, во Општина Битола се одржа координативен состанок со сите институции и претпријатија вклучени во Зимската служба. На состанокот присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, секретарот на општината Борче Димитровски, раководителката на Одделението за комунални дејности Марјана Спасевска, како и претставници на јавните претпријатија, СВР Битола и други надлежни субјекти.

На средбата беше презентирана програмата за работа на Зимската служба за сезоната 2025–2026 година, која ќе биде разгледана на следната седница на Советот на Општина Битола.

Како што истакна градоначалникот Коњановски, целта на навремената подготовка е да се обезбеди максимална ефикасност и брза реакција при зимски услови.

 

 

„Со добро организирана структура, јасно дефинирани обврски и координација меѓу сите институции, сакаме да обезбедиме непречено функционирање на сообраќајот и навремено расчистување на улиците во текот на зимата“, рече Коњановски.

Координацијата на сите активности ќе ја врши посебно формирано Координативно тело, составено од претставници на Комисијата за јавни комунални дејности на Советот на Општина Битола, општинската администрација, Општинскиот инспекторат, јавните претпријатија, СВР Битола и Дирекцијата за заштита и спасување.

Од Општина Битола нагласуваат дека навременото организирање и планирање на интервенциите е клучно за подготвеноста на градот во зимски услови и за безбедноста на граѓаните.